Балкан
14. August 2019 - 14:17

Обвинувања за криминално досие на новиот градоначалник на Скадар

Одложено е конституирањето на Советот на општина Скадар и давањето заклетва од новоизбраниот градоначалник Владрин Пјетри, се додека обвинителството не донесе одлука околу веродостојноста на документите дека тој бил осудуван во Италија за шверц на дрога.

Одлука за одложување на конституирањето на новата локална власт донела Социјалистичката партија (ПС), од чии редови е Пјетри.

По претходните обвинувања, вчера опозициската Демократска партија објави документи, како што тврди од италијанските власти, кои потврдуваат дека „избраникот на ПС е осудуван за производство и шверц со наркотици“ и е протеран од Италија.

-Овие документи потврдуваат дека Валдрин Пјетри е уапсен во Фиренца на 27 јануари 2003 година, а еден ден потоа пред судот ја признал вината.Осуден е на 18 месеци затвор и парична казна во износ од 1.000 евра. Бидејќи потпишал дека е виновен судот ја сменил одлуката со протерување од Италја, истакна генералниот секретар на ДП, Газменд Барди.

Демократите ова го сметаат за „прва добиена битка“ во серијата обвинувања дека „власта како на централно така и на локално ниво ја сочинуваат криминалци“.

Генералниот секретар на ПС, Таулант Бала смета дека обвинувањата од ДП не се доволни и оти последниот збор треба да го каже Обвинителството.

Обвинителството започна со процедура за проверка и чека одговор од Интерпол и Европол. Пјетри ризикува да биде обвинет за „фалсификување на официјални документи“ и „ лажна изјава“.