Балкан
16. September 2019 - 8:48

Обвинувања за криминално досие и за новиот градоначалник на албанската општина Вау те Дејес

По доставеното барање од опозициската Демократска партија, која претендира дека новиот градоначалникот на општина Вау те Дејес, Марк Бабани, има криминално досие, јавното обвинителство во Тирана почна постапка за проверка на изнесените обвинувања.

Оваа институција доставила официјален допис до властите во Северна Република Македонја и Италија со кој бара информации за градоначалникот Бабани, додека одделението за декриминализација при обвинителството побарало од него отпечатоци од прстите во соодветниот полициски сектор.

Опозициските демократи тврдат дека поседуваат веродостојни докази дека во периодот 2002/2003 бил уапсен и осуден во Северна Македонија, додека претходно во периодот 1994-1999 година бил осуден во Италија и протеран и оти користел три различни идентитети.

Тој категорично ги отфрла обвинувањата велејќи дека во неговиот живот никогаш не бил казнуван.

-Имам 52 години и до сега не сум бил казнуван нити за сообрајќаен прекршок. Доколку некој најде и една запирка ќе му бидам благодарен, изјави Бабани.

Ова е трет новоизбран градоначалник од редовите на владејачката Социјалистичка партија за кого Обвинителството бара информации од друга земја.

Преходно тоа го побара од италијанските власти за Валдрин Пјетри, кој на изборите на 30 јуни беше избран за градоначаланик на Скадар. По обвнувањата од страна на опозицијата дека во Италија бил осудуван за шверц на дрога и одлуката на Обвинителството да почне постапка Пјетри се откажа од градоначалничката фотелја на која официјално не ни седна. Тој образложи дека сака да ја докаже својата невиност како обичен граѓанин.

Вториот случај е со градоначалникот на Вора, Агим Кајмаку, за кого демократите тврдат дека бил осудуван во периодот додека живеел во Грција, со идентитет Јорго Тото. Кајмаку ги отфрла обвинувањата и веќе ја раководи општината која е во близина на Тирана.