Македонија
18. September 2019 - 16:26

Обвинителството за организиран криминал отворило предмет за Рашковски, се испитува набавката на радарскиот систем

Основното јавно обвинителство води истрага против Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски за спорната набавка на радарскиот систем во македонска навигација.

„ Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека веднаш по објавената аудио-снимка е отворен предмет по допрен глас. Во меѓувреме кон овој предмет е споена и кривичната пријава поднесена од страна на политичка партија.

Во август надлежниот јавен обвинител што постапува по предметот до Министерството за внатрешни работи издаде Наредба за прибирање на севкупната документација за предметот. Воедно е наредена и темелна анализа на документацијата, по што обвинителството ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката.“ – се вели во писменото соопштение објавено на веб сајтот на обвинителството.

Во владата молк. Владиниот портпарол на денешната прес конференција не сакаше да даде никаков коментар, ниту да одговори на прашањето дали владата планира разрешување на Рашковски за да овозможи поквалитетна истрага.

На крајот од јуни во медиумите беше објавен снимен аудио разговор во кој наводно генералниот секретар на Владата мести тендер вреден 7 милиони евра. Според  медиумите кои ја објавија оваа информација Рашковски заедно со уште двајца високи државни функционер избрал радарскиот систем во навигацијата да го набави од италијанска фирма која наводно не ги исполнувала условите. Документите за аферата Рашковски ги работи и антикорупциска но и по два месеци, таму епилог се уште нема.
Рашковски на прес конфернеција тврдеше дека случајот е чист и најави тужби пред надлежните судови.