Македонија
14. March 2017 - 16:12

Обвинителството отвори нова истрага за криминал против лидерот на СДСМ Зоран Заев

Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција отвори нова истрага за лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Се сомничи за злоупотреба на службената положба и овластувањата како градоначалник на општина Струмица.

Според обвинителството, како прв човек на општината склучил 4 договори за јавни набавки во вредност до 5 илјади евра за асвалтирање на една улица наместо да распише тендер и да го избере најдобриот понудувач.

„Осомничениот во 2010 година во исти ден повластувајќи исто правното лице од Струмица склучил четири посебни Договори со вкупна вредност од 1.029.549,оо денари за асфалтирање на една иста улица во населено место во општина Струмица, наместо да спроведе една транспарента постапка за јавна набавка со објава на оглас за доделување на договор, истовремено распишал и спровел четири одвоени постапки за прибирање на понуди без оглас и покрај законската забрана за делење на договор за јавна набавка на повеќе посебни договори со пониска вредност, со што ги изиграл одредбите  од Законот за јавни набавки на штета на Буџетот општината“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Општината попладнево ги демантираше наодите на обвинителството тврдејќи дека не била фаворизирана една фирма блиска до градоначалникот туку се работело за асвалтирање на 4 различни улици.

-  Не е точно дека се работи за една улица туку се работи за четири посебни улици. Еве ги улиците, јасно се гледа, се работи за четири улици. Улиците дури и не се наоѓаат во непосредна близина. За нив е извршена посебна проценка при што е утврдена поединечна вредност за секоја улица и нивната вредност поеднинечно не надминува 5.000 евра. Врз основа на пресметките за секоја улица посебно, е изготвен Годишен план за јавните набавки, при што согласно проценетата вредност, а и согласно Законот за јавни набавки е предвидена постапка со барање за прибирање понуди, рече Кирил Парталов, секретар на Општина Струмица.

Обвинителството за организиран криминал веќе води една кривична постапка против лидерот на СДСМ во својство на градоначалник.

Тој е обвинет за поткуп побаран од струмички бизнисмен, дело за кое во јавноста се појавија и видео снимки.

ВМРО- ДПМНЕ подолг период обвинува за финансиски злоупотреби во Струмица преку делење тендери на роднини и партиски соработници на градоначалникот.