Македонија
24. јуни 2020 - 16:44

Обвинителството не ги истражува снимките за Ден Дончев

Обвинителството за гонење криминал и корупција нема да ги истражува снимките со Ден Дончев. За нив велат дека биле нецелосни а дејствијата во нив обвинителите ги сметаат за претпоставки. Обвинителството бара објавувачите на интернет, снимките да ги пријавуваат во обвинителството или полиција.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги следи објавувањата што се појавуваат по одредени медиуми, но цени дека во моментов нема простор за постапување согласно своите надлежности. Воедно, откривањето на кривичните дела од економско финансиска природа е надлежност на Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција. Обвинителството ѝ укажува на јавноста дека секој што поседува докази за сторено кривично дело е должен да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во обвинителството и да ги приложи доказите по што обвинителството ќе отвори предмет и ќе преземе дејствија за расветлување на случајот“, се вели во известувањето на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Пред повеќе од еден месец обвинителството соопшти дека отворило истрага за поранешниот директор на фондот за здравствено осигурување откако против него беше поднесена кривична за случајот Дијамед.

За ВМРО-ДПМНЕ срамна е одлуката на обвинителството со која се прогласило за ненадлежно да постапува по видеото. Партијата смета дека на тој начин се аменстира Дончев.

Од СДСМ очекуваат институциите да го истражат случајот. Сметаат дека зад објавените снимки стои опозицијата за која велат дека манипулира со лажни вести.

 Ден Дончев вчера во писмено соопштение наведе оти снимките биле стари, извадени од контекст и нецелосни. Тврди дека исечените разговори се манипулација да му се наштети.