Македонија
9. April 2019 - 16:21

Обвинителството ќе истражува колку деца се имунизирани со вакцините со грешни декларации и дали имаат последици

Обвинителството ќе бара дали и колку деЦА примиле од спорните МРП вакцини и дали кај нив се регистрирани штетни последици. За 624 дози кои беа со погрешна декларација со рок на траење, надлежните ќе го испитуваат и составот на вакцината и евентуалната штетност врз здравјето на пациентите.

„Доколку имало какви било невообичаени последици кај одделни корисници на вакцината, треба да се обезбедат податоци  кај кои пациенти било тоа, во кои Здравствени домови, како и да се обезбеди целокупната нивна медицинска документација, во оригинал или заверен потпис“, соопшти ОЈО.

По собирање на документацијата вештачење ќе изврши Центарот за испитување и контрола на лекови при фармацевтскиот факултет во соработка со лабараторија од друга земја членка на ОМЦЛ мрежата на официјални лаборатории за контрола на лекови , како и Агенцијата за лекови и медицински помагала МАЛМЕД.

За оваа цел побарано е од полицијата да го обезбеди пристапот до карантинот на Македонија лек каде што се чуваат повлечените вакцини кои ќе бидат предмет на испитување.

Инаку по избивање на скандалот со сомнителните вакцини кои ја зголемија недовербата кај родителите, МЗ најави највисока парична казна за дистрибутерот, а сопствена истрага спроведува и компанијата производител на МРП вакцините.

Иако требаше да бидат уништени во Дрисла , по отворање на постапка во обвинителството, вакцините се запечатени и се чуваат во  Македонија Лек.