Македонија
16. September 2020 - 16:52

Обвинителството истражува на кого партиите му плаќале за предизборно рекламирање

Предизборното рекламирање на политичките партии под лупа на обвинителството. Се сомнева дека политичките партии платиле рекламирање на интернет портали отворени непосредно пред изборниот процес а имале и мала посетеност. Од обвинителството велат дека се проверуваат портали кои немале наведено адреса, уредник но и ценовник за рекламирање.

„До Обвинителството за гонење организиран Криминал, МВР достави известување во врска со сомнежи за рекламирање на политичките партии на одредени портали. Денеска почна предистрага за една политичка партија, но има сознанија и за други политички партии така што веројатно истрагата ќе ја прошириме“, изјави Вилма Рускоска, Јавен обвинител.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека истрагата на обвинителството има политичка позадина. Од партијата велат е резултат на паниката кај власта по неколкуте масовни протести. Бараат обвинителството да го испита и трошењето на СДСМ за реклами на социјалните мрежи.

„Политичкото обвинителство во ликот и делото на Вилма Рускоска организира напад на медиуми, што го продаваат како справување со корупција. Вистината е дека сето рекламирање на партијата е транспарентно и законски. И се чудиме, како и зошто Рускоска експресно реагира на повикот на СДСМ, а не реагира на очигледен криминал од СДСМ? Пред цел месец реагиравме и обзнанивме дека на СДСМ во извештајот недостасуваат стотици илјади евра за рекламиње“, вели Наум Стоилковски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Владеачката партија не ја коментира истрагата на обвинителството ама ги охрабрува институциите во својата работа.

СДСМ дава целосна поддршка на институциите во спроведување на нивните законски надлежности, велат од владеачката партија.

Пред почетокот на изборниот процес, во Државната изборна комисија за платен политички маркетинг  се пријавиа над 200 интернет портали.

За рекламите кои ги прикажуваа по барање на партиите, интернет страниците наплатиле над половина милион евра.