Македонија
21. August 2019 - 14:21

Обвинителството бара притвор за Јанева

Јавното обвинителство бара притвор за специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поради основано сомнение за злоупотреба на службенатра положба и овластувања, а во врска со предметот „Рекет“.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на прес-конференција соопшти дека од досега обезбедените докази, има основи за проширување на истрагата за „Рекет“ и врз Катица Јанева, која е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања заради стекнување лична корист.

Јовевски кажа дека имаат докази оти Јанева остварила лична корист од околу  290 илјади денари така што влијаела на постапката овозможувајќи олеснување на позицијата на осомничен во случајот „Империја“.

Посочи дека специјалната јавна обвинителка ја злоупотребила службената позиција и остварила лична корист со тоа што, најпрво влијаела за ослободувње од притвор и враќање на патната исправа, а потоа и дала предлог да се олесни положбата на осомничениот за „Империја“ со негово прифаќање како сведок во постапката.

Полицијата попладнево по налог ЈО ја приведе Катица Јанева во нејзиниот дом во скопската населба Козле. Таа со полициска придружба беше донесена во СЈО.

Обвинителката Вилма Рускоска потврди дека полицијата влегла во СЈО со налог да се одземе компјутерот на Јанева.

Се очекува Јанева од СЈО да биде изведена пред судија на претходна постапка кој треба да одлучи по барањето на ЈО за изрекување мерка притвор.

Катица Јанева, која беше спомната во снимките што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“, вчера беше на распит во Јавното обвинителство за организиран криминал за случајот „Рекет“.