Македонија
12. August 2019 - 16:47

Обвинителката на СЈО Лиле Стефанова утре на распит за случајот „Рекет“

Шефицата на СЈО во оставка, Катица Јанева, го заврши летниот одмор. Денеска, таа е на своето работно место, потврдуваат од специјалното обвинителство. Работните активности продолжија и за обвинителката Лиле Стефанова. Денеска изведуваше докази како застапник на обвинението за предметот Титаник, а утре ќе одговара на прашања од нејзини колеги од јавното обвинителството. Повикана е да даде исказ откако нејзиното име се слушна во објавените снимки за случајот Рекет.

„Заради доверливоста и успешно водење на истрагата, обвинителството не соопштува однапред кои дејствија и кога ќе бидат преземени. Сите инволвирани ќе бидат неселективно сослушани“, велат од обвинителството.

Од таму не откриваат дали и кога за исказ ќе биде повикана Катица Јанева која потврди дека се слуша нејзниот глас во снимките од „Рекет“. Од СЈО велат дека таа засега нема добиено покана за распит пред јавен обвинител.

Според објавените снимки, Јанева во разговор со Боки 13 и вели дека ја има под контрола Стефанова која го води предметот Империја каде обвинет е Орце Камчев. Поради овие разговори, одбраната во предметот Титаник, денеска побара одложување на расправата во која обвинителката Стефанова изведува докази за изборни нерегуларности.. 

„Новонастаната ситуација, сметам дека е доволна причина да се одложи денешното рочиште. Нема никаква намера за одолговлекување. Чисто како можност за предметот и правдата да се даде да се расчистат некои работи. Алудираме и на оставката на Катица Јанева“, изјави во судницата адвокатот Петар Василев.

Судијата го одби предлогот.

„Зборуваме за предмети кои се во надлежност на друго обвинителство. Што ќе се докаже и што ќе се случи, ќе видиме. Нема законски пречки за одложување“, објасни судијата Осман Шабани.

Инаку Јанева и Стефанова, минатата недела преку писмени изјави објавени на страницата на СЈО изнесоа свои ставови за случајот „Рекет“. Катица Јанева напиша дека разговара со обвинети за успешно водење на истрагите. Лиле Стефанова обвини дека без нејзино знаење се донесувале решенија за осомничени во Империја а обвинителката Јанева побарала и затворање на случајот со препорака никој да не оди во затвор.