Македонија
16. July 2019 - 19:04

Обвинителите од СЈО се оградија од Катица Јанева, бараат доверба во нивните предмети

Обвинителите од СЈО се оградуваат од евентуално постапување на  шефицата Катица Јанева откако нејзиното име се поврза со случајот „ Рекет “ . Дејствијата на поединец не го карактеризираат дејствувањето на тимот, порачаа обвинителите кои застанаа на прес конференција без шефицата во оставка. Велат дека немале комуникација со Јанева и оставката.

Обвинителите побараа доверба во случаите кои до сега ги отвориле. За случајот „Империја“ со кој се поврзуваат имињата на уапсените Бојан Јовановски и Зоран Милески велат дека тие не преземале ништо против законско.

Во меѓувреме, траат истражните дејствија на Обвинителството за организиран криминал. Во претресите кои траеја до раните утрински часови во домот и канцелариите на првоосомничениот за „Рекет “, полицијата веќе заплени брендирана облека, накит, компјутери и уметнички слики. Кај вториот осомничен Зоран Милески, познат како Зоки Кичеец пронашле голема количина оружје и муниција за што дополнително ќе се истражува дали легално ги поседува. Од кај него одземени се и лап топ компјутери, УСБ стикови и мемориски картички. Шефицата на организиран криминал синоќа по распитот во кривичниот суд рече дека се надева на проширување на истрагата.

Јовановски и Милески добија 30 дневен притвор и беа спроведени во Шутка. Јовановски се наоѓа во Хашкото одделение со уште еден притвореник. Тие се товарат за кривично дело „ примање награда за противзаконито влијание„ а прво осомничениот Боки 13 и за „перење пари“.