Македонија
21. January 2021 - 10:25

Обвинителен предлог за двајцата кои вршеа насилство во автобус​ на ЈСП

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против две лица, жители на скопски села, двајцата на возраст од 31 година, кои како соизвршители го сториле кривичното дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетите на 5 ноември 2020 година, околу 17:30 часот, во автобус на ЈСП Скопје кој сообраќал на линијата бр. 7 во Скопје, грубо ги навредиле и ја загрозиле сигурноста на оштетениот возач и на патниците во автобусот. Обвинетите влегле во автобусот кај автобуската станица Рекорд без да носат заштитни маски, на што реагирале патниците предупредувајќи ги да носат заштита опрема. Тогаш обвинетите започнале грубо да ги навредуваат патниците и да ја загрозуваат нивната сигурност, велејќи им дека ќе ги убијат и ќе ги стават во киселина. Потоа му се обратиле и на возачот на автобусот со барање да запре и да ја отвори вратата за да излезат пред да стаса на следната автобуска постојка. Возачот не ја отворил вратата, по што обвинетите продолжиле со грубо навредување и загрозување на неговата сигурност, му се обраќале со висок тон и удирале по внатрешноста на возилото. Со тие дејствија обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај оштетениот возач и патниците на автобусот.