Македонија
6. јуни 2018 - 16:37

Обвинетиот Тошта заврши на реанимација откако му се слоши во судница, обвинителството го промени обвинението за нападот врз Села

Еден обвинет е ослободен, двајца заминуваат во куќен притвор. Јавното обвинителство го промени обвинителниот акт за случајот „Обид за убиство“ на Зијадин Села од собраниските настани минатата година. На денешната расправа, обвинителот Дарко Јакимовски рече дека по деталната анализа на видео снимката која се гледаше во судница на минатото рочиште, видливо било дека обвинетиот Сашо Сенков не учестувал во тепањето на Села. Во моментот ниту бил присутен во собранискиот прес центар. Со ова, по 7 месечен притвор, Сенков заминува дома.

Изменето обвининие добија уште двајца кои одговараат за обидот за убиство на Села. Според анализата на обвинителството, Цејо Ѓоргиевски и Стојан Павлески сега ќе одговараат за насилство. Поради ова, обвинителството побара наместо притвор и куќен притвор, тие редовоно да се јавуваат во суд а им се забранува посета на места каде се одржуваат протести.

Откако обвинтелството го промени обвинителниот акт, реагираше Александар Јаневски-Тошта кој обраќајќи му се на судечкиот совет рече дека случајот е местенка и побара бесилка. По ова се струполи на земја. Интервенираше итната медицинска помош.

Според јавниот обвинител, Јаневски е на реанимација на клиниката за кардиологија. Бил освестен но повторно паѓал во безосознание.

Инаку адвокатот на Села изјави дека во тек е постапка за проширување на обвинението и против други луѓе кои учествувале во нападот.

Судењето за обидот за убиство на Села продолжува во понеделник.