Македонија
25. February 2021 - 16:33

Обвинение за три лица кои биле вооружени и подготвени за терористички напади

Обвинителството кривично ќе ги гони тројцата кумановци кои формирале терористичка организација и вежбале напади. Лицата се на возраст од 22 до 28 години. Според обвинението уште во 2019 еден од нив создал терористичка организација „Ќелија“ водена од матрицата на познатата организација Исламска држава.

Тие вежбале напад со експлозив во напуштениот хотел Ку- Ба во село Проевце. Уште осум лица се осомничени за кои се уште се води истражна постапка.

Секој од нив имал конкретна задача. Првообвинетиот бил организатор и обезбедувал финансии, спроведувал вежби и организирал средби на кои се прикажувал видео материјал со радикална содржина. Другите двајца обвинети обезбедувале логистика, локации за криење на оружјето, изработувале експлозиви и барале објекти за напад.

„Како дел од обуката за користење на ракетен фрлач – зоља и другото автоматско оружје, обвинетите од засега непознато лице набавиле ракетен фрлач – зоља и вршеле пробно испалување, како и пукање со автоматска пушка во близина на местото викано Менкова Колиба во близина на Куманово.“

Тројцата кумановци се во притвор а Обвинителството бара продолжување на мерката поради опасноста да извршат некое од планираните кривични дела убиство, телесно повредување, уништување на јавни објекти .