Балкан
17. April 2017 - 21:41

ОБСЕ/ОДИХР/ПССЕ: Нефер услови на референдумот во Турција

Во „нефер услови“ се одвиваше кампањата пред турскиот референдум за проширување на претседателските овластувања, а пребројувањето на гласовите го одбележаа доцна прифатени измени со кои се поништени клучни безбедносни норми, соопштија денеска меѓународните набљудувачи.

– Референдумот беше одржан во нефер услови во кои двете страни во кампањата немаа еднакви можности, изјави Везар Флорин Преда од заедничката мисија на ОБСЕ/ОДИХР/ПССЕ.

Преда додаде дека со доцни измени во процедурата за пребројување гласови се поништени важни безбедносни норми, а притоа мислеше на одлуката на властите да дозволат употреба на гласачки ливчиња без официјален печат.

– Правната рамка останува неадекватна за одржување вистински демократски референдум, се вели во заедничко соопштение.

Тој рече дека и фактот што референдумот се одржува во вонредна состојба во државата ги кочи основните слободи.

Шефот на мисијата на ОБСЕ, Тана Зулуета рече дека сите луѓе кои биле приморани да ги напуштат своите домови во југозападните области во кои имало безбедносни операции, биле соочени со потешкотии во гласањето.

– За време на кампањата некои официјални лица ги изедначуваа заговорниците за негативно гласање со терористи, изјави таа. Со тоа според неа, се прекршени принципите на ОБСЕ и СЕ во врска со слободата и еднаквоста во кампањата.

Турското МНР соопштид ека првичните извештаи на меѓународните набљудувачи  кои го надгледуваа референдумот во Турција, одразуваат пристрасност заснована на предрасуди.

Тие велат дека за турската држава е неприфатлива оценката дека гласањето не ги исполнило меѓународните стандарди.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека меѓународните набљудувачи „треба да си го знаат своето место“, како одговор на критиките дека референдумот во државата не бил согласно меѓународните стандарди.

Обраќајќи се на свои приврзаници во Анкара, тој рече дека за Турција нема да е од големо значење ако Европската унија ги прекине преговорите со неа за членство.

- Ако е неопходно Турција ќе организира референдум за прекин на преговорите за членство во Европската унија, изјави Едроган.  

Тој нагласи дека вчерашното гласање на референдумот ставило крај на дебатите за промени во Уставот и значи воведување претседателска република. Според него, извршувањето на реформите ќе почне со судскиот систем.