Македонија
1. October 2018 - 16:16

ОБСЕ/ОДИХР и ПССЕ: Референдумот генерално мирен и добро организиран

Денот на референдумот генерално беше мирен и добро организиран. Постапките беа професионални, транспарентни и непристрасни, а кампањата мирна и активна.

Ова се прелиминарните оценки на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и на Делегацијата на Советот на Европа во врска со референдумот што се одржа вчера во Скопје.

На заедничката прес-конференцијата шефот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на рефререндумот во Скопје Јан Петерсен истакна дека иако законската рамка не ги покри доволно сите аспекти на процесот, референдумот беше администриран непристрасно, а темелните слободи беа почитувани.

Тој подвлече дека тоа што немаше организирана кампања „против“ или „за бојкот“ значеше дека за медиумите беше тешко да обезбедат балансирано покривање, иако тие за гласачите пренесуваа опсежни информации и широк спектар од разновидни гледишта.

На прес-конференцијата беше истакнато дека иако властите вложија извесни напори да обезбедат јавни информации во врска со договорот, сепак неговата содржина беше недоволно објаснета.

Исто така, беше напоменето меѓу другото дека иако немаше активна кампања „против“, според оценките на набљудувачите, коалицијата од граѓански здруженија и две помали политички партии се залагаше за бојкот преку митинзи и на социјалните медиуми, често користејќи потпалувачка националистичка реторика.

- Доколку ги почитуваме оние кои одбраа да не гласаат без друго мораме да ги почитуваме и оние над половина милион кои сериозно го сфатија референдумот и одлучија да го дадат својот глас за иднината на земјата, рече Штефан Шенах, шеф на Делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Во прелиминарната оценка на ОБСЕ/ОДИХР и на ПССЕ беше истакнато и прашањето на точноста на избирачките списоци со сугестија до властите ова прашање кое досега, како што рекоа, било споменувано во извештаите на овие две организации од неколкуте последни избори конечно ќе биде решено.