Балкан
8. November 2019 - 11:14

Обрадовиќ: Решение за состојбата во Србија е одложување на изборите и формирање на преодна техничка влада

Лидерот на опозициското движење Двери и на СзС, Бошко Обрадовиќ изјави дека решение за сегашната „политичка криза” во Србија е да се одложат изборите, односно да се потпише договор меѓу власта и опозицијата и да се донесе lex specijalis, како и да се формира преодна техничка влада во која до изборите би биле и претставници на власта и на опозицијата.

– Ако ова беше можно во Црна Гора и Македонија, зошто да не може во Србија – рече Обрадовиќ за телевизијата Н1, додавајќи дека Брисел и Вашингтон не треба „да зборуваат за демократија во Србија ако го поддржуваат режимот на Александар Вучиќ”.

Тој оцени дека во овој момент „единствена нормална работа е да се бојкотираат претстојните пролетни избори, да се бојкотира Собранието и да се скрати легитимитетот”.

Говорејќи за неодамнешниот протест пред зградата на РТС за време на гостувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ во емисијата „Прашалник”, тој кажа дека сликите од тој протест се „слики на суспендирана држава”.

– Каде го има тоа во светот, претседателот да не влезе на главниот влез на државната телевизија – праша Обрадовиќ и додаде дека Вучиќ „влегол на тајна врата”.

Тој рече дека пред зградата на РТС имало „чудни луѓе за кои не се знаело дали се полицајци во цивил или криминалци…”.

-Кога ќе дојдеме на власт, РТС ќе мора да ја врши својата работа според законот, порача Обрадовиќ. Тој додаде дека опозицијата бара право на објективно информирање и дека тие се бранители на Уставот и законот.

–  Одам таму да ги бранам Уставот и законот – рече Обрадовиќ, додавајќи дека ги претставува луѓето кои се „загрозени под овој режим”.