Македонија
30. March 2016 - 19:46

Обновени простории во училиште во прилепско Канатларци

Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во прилепското село Канатларци доби две целосно обновени училници, библиотека и санитарни јазли. Вкупната нвестиција е околу 1,4 милиони денари, од кои 1,2 милиони се преку проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на образованието, а 200.000 денари обезбеди локалната самоуправа на Прилеп.

Новите простории во училиштето денеска пригодно ги пуштија во употреба Дејвид Кокс од канцеларијата на аташето за одбрана при амбасадата на САД во Македонија и прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.

Според Кокс целта на проектот е да ги интегрира децата од различна етничка средина.

- Канцеларијата на Агенцијата за меѓународен развој на САД во американската амбасада во Скопје го администрира овој проект чија главна цел е да ги интегрира децата од различни етнички средини преку образованието и другите активности. Овој проект ги вклучува училииштата, наставниците, децата, родителите, локалните лидери, и целите заедници во развивање на меѓуетнички врски и градењето основа за подобра идниина, истакна Дејвид Кокс.

Ова е петто училиште во општина Прилеп кое се реновира со средства на УСАИД, нагалсуваат локалните власти.

- Ќе ја продолжиме одличната соработка која ја имаме со УСАИД во изминатиов период. Имаме реализирано голем број проекти во интерес на подобрување на квалитетот и на образованието, но и на квалитетот на живеењето на територијата на општина Прилеп,рече градоначалникот Марјан Ристески.

Во селото Канатларци живеат Македонци и Турци. Учениците заедно ги изучуваат обичаите, традицијата и културата и на Турција и на Македонија. На денешната пригодна свеченост тие изведоа и заедничка програма на англиски, македонски и на турски јазик. Директорот на училиштето Владо Кузманоски е горд на постигнатите резултати.

- Со помош на овие проекти се зајакнуваат темелите кои ни ни ги оставиле нашите предци за да ги учиме децата да не ги делат луѓето по верска или национална основа, туку дека сите сме еднакви и дека сите сме луѓе, вели Кузманоски.

Во училиштето „Свети Кирил и Методиј“ во Канатларци наскоро треба да почне изградбата на повеќе наменско игралиште.

Од американската амбасада потецираат дека секоја година Европската команда на Американската војска одделува по околу 300.000 долари за реконструкција на училиштата во Македонија. Досега преку оваа програма комплетно биле реновирани 48 училишта во државата.