Македонија
12. November 2019 - 14:43

Обновена бистата на првоборецот Дане Крапчев

Градот Скопје во пресрет на утрешниот ден, Денот на ослободувањето на Скопје, денеска ја обнови бистата на спомен обележјето на првоборецот Дане Крапчев, што се наоѓа на булеварот „Илинден“ спроти градските бараки, и го уредија околниот простор.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, пред спомен обележјето денеска истакна дека со обновувањето на бистата на Дане Крапчев, заедно со членовите на Сојузот на борците од НОБ, исправиле уште една неправда кон луѓето на кои им ја должиме слободата

– Дане Крапчев како политички комесар во Првиот скопски партизански одред игра значајна улога во обезбедувањето на слободата на Скопје. Бистата на неговиот споменик, за жал беше жртва на вандалски чин заедно со бистите на повеќе учесници во НОБ во Скопје кои беа украдени или сквернавени во текот на изминативе години, рече Шилегов.

Тој додаде дека Град Скопје има обврска да ги обновува овие бисти и да се грижи за уредувањето на просторот околу нив.

 

– Ова е најмалку што можеме да сториме за овие луѓе кои ги носат најголемите заслуги за тоа што ние денес живееме слободно во сопствена држава, рече градоначалникот Шилегов.

 

Шилегов упати апел до граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на вандализирање на овие споменици, а апелираше и до органите на прогонот со посебно внимание да се погрижат за пронаоѓање и казнување на вандалите на кои им пречат овие спомен обележја.

Тој појасни дека спомениците на учесниците во НОБ кои се поставени во Скопје заслужуваат посебно внимание и затоа Град Скопје ќе продолжи да се грижи тие редовно да се одржуваат заедно со просторот околу нив.

Според Шилегов, сите ние мораме да продолжиме да се грижиме за споменот на луѓето кои ги положија своите животи за нашата слобода, и како што објасни, тоа е обврска на секој од нас.

– Покажувајќи почит и внимание за нивниот лик и дело покажуваме колку го сакаме сопствениот град, колку се грижиме за сопствената држава и колку се почитуваме едни со други и самите себе. Само така ќе не биде и само така ќе успееме, нагласи Шилегов.