Македонија
3. July 2019 - 16:54

Облаци од чад и смрдеа веќе една недела се шират од градската депонија во Прилеп

Градската депонија во Прилеп кај селотo Алинци гори веќе 6 дена, а огромни облаци од чад и смрдеа се шират во целиот регион. Зафатена е западната страна на депонијата каде се одлага текстилен отпад.

Од ЈКП „Комуналец“ кои 6 дена неможат да го изгаснат огнот не сакаа да дадат изјава во камера за состојбата.

Преку соопштение истакнаа дека според сведочењето на очевидец на 27 јуни околу 19.30 часот пожарот на депонијата го подметнале непознати лица кои тука дошле со 2 возила кои немале регистарски табли.

Истакнаа дека во гаснењето на пожарот учествувале вработени од Комуналец, со сета своја расположлива механизација, Територијалната противпожарна служба, а на лице место била присутна и полицијата со што била спречена поголема катастрофа огнот да ја зафати целата депонија и нејзината околина. И денеска екипи на јавното претпријатие се присутни на терен и ги гаснат остатоците на огнот. Од „Комуналец“ апелираат на поголема еколошка свест и совест кај граѓаните.

Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп денеска ја обвинија локалната власт дека цели 6 дена не е способна да изгасни еден пожар кој претставува еколошка бомба во срцето на најголемата житница во Македонија – Пелагонија.

„Шест дена депонијата во Прилеп гори, а полето е исполнето со чад и канцерогении состојкии, кои се голема закана за здравјето на граѓаните, особено на земјоделциите кои работат по нивите, но и вработените во странските фабрикии во индустриската зона Алинци. Дали за оваа еколошка катастрофа некој ќе одговара ? истакна Ирена Стерјоска Локвенец од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Од ЈКП „Комуналец“ не прецизираат зошто огнот не може да се изгасне целосно 6 дена. Од СВР Битола пак истакнаа дека се работи на пријавата од „Комуналец“ дека непознати сторители намерно го подметнале пожарот.