Македонија
27. May 2016 - 15:55

Објектите на штипското комунално претпријатие „Исар“ под видео надзор

Штипското комунално претпријатие од денеска ја зголеми безбедноста на своите објекти за водоснабдување, но и на Градските гробишта, пазарот, бањата  „Кежовица“ и на фабриката за рециклирање.

Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Ангел Бојаџиев на денешната прес-конференција рече дека со видео надзор опфатени се вкупно 13 објекти, кои се во сопственост на претпријатието.

- ЈП „Исар“ ја зголеми сигурноста на објектите, кои се имот на граѓаните на Штип, а со поставување на видео надзорот добиваме поголема сигурност, потоа спречуваме уништување на гробиштата, спречуваме манипулација со водата. Знаете дека Филтер станицата е стратешки објект со кој се водоснабдуваат над 70.000 луѓе, потоа спречуваме да се уништат парковите површини и спречуваме да се униште се она што е макотрпно градено, вели Бојаџиев.

Објектите на комуналното претпријатие „Исар“ ќе бидат под видео надзор 24 часа, а се монтирани над 60 камери. Инвестицијата чини над 10.000 евра.