Македонија
14. January 2020 - 18:26

Објави во српски медиуми за двојната номинација на „Медена земја“

Српски медиуми објавија за големиот успех на македонскиот докуметарен филм „Медена земја“ откако вчера доби две номиинации за престижната награда Оскар во категориите најдобар странски филм и најдобар документарец.

Медиумите пишуваат за содржината на филмот, за екипата и за досега добиените награди, меѓу кои и триумфот на фестивалот  „Санденс“ во јануари минатата година.

Би-би-си на српски јазик во текст нсловен „Оскар и земјата на медот: како филм од Северна Македонија влезе во историјата на светскиот филм“, пренесува изјава на продуцентот и монтажер на филмот Атанас Георгиев дека земјава има мала филмска продукција, но многу талентирани уметници и добри приказни може да се најдат на секој чекор.

-Иако финансирањето е ограничено, капацитетот на авторите не е, истакнува Георгиев, кој  верува дека публиката – не само македонската, туку и публиката во светот – мора да научи дека документарниот филм денес се разликува од она што сме навикнати да го гледаме.

-Документарните филмови не се филмови со протагонисти кои седат и зборуваат, туку умешно презентирани слики од реалниот живот, додава продуцентот на „Медена земја“ во изјавата што ја објавува  Би-би-си на српски јазик.

-Кога филмот освои три награди на фестивалот „Санденс“, кој е основан од актерот и режисер Роберт Редфорд, пишуваа „Гардијан“, „Њујорк тајмс“, „Ролинг стоун“ и „Венити фер“, наведува „Данас“.

За импресиите и одушевеноста по успехот на филмот, написи објавија и други медиуми во Србија, меѓу кои и Б 92 и Радио 021, а пораки и коментари имаше и на социјалните мрежи.