Македонија
7. November 2020 - 16:43

Објавени трите услови на Бугарија за старт на преговорите

“Официјален јазик на Република Северна Македонија“, а не „македонски јазик“, користење на официјалното уставно име на државава, а не неговата кратка верзија, а за време на целиот процес на преговорите со ЕУ, добрососедските односи да се следат преку посебно поглавје.

Ден по блокадата за Македонија на амбасадорскиот совет, објавени трите услови кои Бугарија ги бара од земјава за да го тргне ветото за старт на преговорите.

Барањата ги објави бугарскиот Mediapool. Под наслов „Софија има голем проблем со Скопје, а не банален спор за историјата”, порталот наведува дека тие официјално биле доставени уште кон крајот на октомври, од постојаниот претставник на Софија во Унијата Димитар Ценчев.

Официјалните услови кои Бугарија ќе настојува да бидат вклучени во преговарачката рамка, досега не беа јавно објавени.

Што прецизно бара Бугарија?

На прво место, според Mediapool, е воведувањето на ново 35-то преговарачко поглавје за Македонија, преку кое ќе се следат добрососедските односи како клучен критеруим за членство.

Краткото име Северна Македонија упатува и на географски регион, во чии рамки влегува и дел од територијата на Бугарија, така што треба да се истакне дека станува збор за државно-политички субјект Република Северна Македонија, е вториот услов на Бугарија.

Во однос на јазикот, источниот сосед аргументира дека изразот “македонски јазик е неприфатлив” бидејќи неговото создавање на основа на бугарскиот јазик е еден од инструментите во, како што се наведува, преименувањето на Бугарите од Вардарска Македонија во Македонци.

Оттаму, како што пренесува бугарскиот медиум, се бара да се примени формулацијата по примерот со Црна Гора, односно употребата на терминот „официјален јазик на страната – кандидат“

Откако премиерот Заев оцени дека со бугарското вето е прекршен Договорот за добрососедство, продолжија острите реакции од бугарска страна. „Ако кажете дека една земја го прекршила договорот со друга, ова е случај на војна, вели вицепремиерот Каракачанов.

“Оваа изјава на Заев уште еднаш ме убедува дека моите колеги во Скопје не ги читаат договорите што ги потпишуваат...Пред еден месец, на состанокот на нивниот министер Османи со министерката Захариева во Софија и во писмена форма, им објаснивме дека ако потпишат анекс на Договорот во кој ќе ги потврдат своите заложби во врска со историјата, јазикот, говорот на омраза можеме да постигнеме спогодба. Најверојатно во Скопје се водени од длабоко убедување дека некој – или во Германија или на друго место – ќе замавне со прстот кон нас и ние ќе чучнеме”, вели Каракачанов.

Потсетувајќи на изјавите на премиерот Заев во изминатите две години, од ВМРО ДПМНЕ го обвинија државниот врв за распродажба на идентитетот и повикаа на формирање на влада за национален спас.

“Со нивното пазарџиско однесување, ги ставија граѓаните и државата во положба и позиција дотолку слаба во моментов, што ги наруши трајно, потенцирам трајно ги наруши, сите можни преговарачки позиции на Република Македонија во иднина”

Во експресната реакција, власта одговара дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се секогаш на спротивната страна од интересите на граѓаните и државата и работат против европската иднина.

“Само Мицкоки и ВМРО-ДПМНЕ единствени се радуваа на историската грешка на ЕУ за незапочнување на преговори, само тие единствени не честитаа на членството во НАТО и денеска. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоки се лицемерни и во домашната и во надворешната политика. СО месеци го критикуваа Договорот за добрососедство со Бугарија, за потоа Мицкоски јавно пред камери на Борисов да му каже дека „го поткрепа“ договорот”, велат од СДСМ.

На важноста на јазикот денеска се осврнаа и вицепремиерот Димитров и евроамбсадорот Гир. “Македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата во моментот кога нашата држава ќе стане полноправна членка. Повеќејазичноста е сржта на ЕУ, a принципот на јазична еднаквост на Европската Унија се основен услов за нејзиното непречено функционирање”, рече Димитров на онлајн конфренецијата посветена на преведувачите.

Слична порака имаше и Гир, кој посочи дека соживотот на јазиците во ЕУ е моќен симбол разноликоста на Унијата.