Македонија
24. January 2017 - 10:26

Објавена книга басни од Спасе Мазенковски

Издавачката куќа „Бата прес“ ја објави книгата басни „Рѓосани бисери“ од Спасе Мазенковски, писател, новинар и публицист кој живее и твори во Мала Преспа, Албанија.

– Басните се напишани со полно инвенција, мудро соопштени и умно составени. Оваа книга ќе биде интересна и од лингвистички аспект, зашто носи јазички и зборовни новини кои Мазенковски ги црпи од неговиот дијалект како дел од македонскиот литературен јазик, соопшти издавачот. 

Писателот Михаил Ренџов во рецензијата за книгата посочува дека Мазенковски е автор на над 120 басни (фабули), користејќи ја лисицата, лавот, јунецот, волкот, овцата и слично, за да соопшти многу моменти од нашиот живот.

- Тие ќе нè насмеат, ќе нè растажат, но и ќе не промислат, ќе чепкаат по нашиот разум за да се задумаме на она што ни се случува, на она што не го забележале нашите очи, а пред нас е, а со нас е и нам – сега ни се случува, пишува Ренџов.

Спасе Мазенковски е роден во село Леска, Мала Преспа и работи во администрацијата на Општината Мала Преспа. Тој е еден од основачите на политичката организација „Друштво Преспа“ во Албанија во 1991 година, а во 1994 година објавувал весник на македонски јазик во Албанија насловен „Преспа“.

На македонски јазик има објавено неколку поетски збирки, книги раскази и репортажи: „Преспа моја“, „Разнобојна китка“, „Торбулето на татко ми“, „Преспанска убавица“, „Лабид и Преспана“.