Бизнис
10. јуни 2019 - 18:37

Објавен првиот тендер за изградба на фотоволтаични електрани

Објавен е првиот тендер за изградба на фотоволтаични електрани на 11 парцери државно земјиште во Свети Николе и Македонски Брод. Компаниите што ќе сакаат да инвестираат ќе мора да издвојат 650.000 евра за изградба на централа од еден мегават. Потребена е банкарска гаранција од 75.000 евра, комуналната такса чини 10.000 евра и за приклочок на мрежата ќе треба да платат уште 20 до 30.000 евра во зависност од локацијата.

– Доколку сте компанија што знае што прави, банките тоа треба да го препознаат и со некое сопствено учество од 20 до 30 проценти може да отпочнете инвестиција, а остатокот да го земете како кредит. Значи секој оној што може да издвои 150 илјади евра сопствени средства може да учествува на овој тендер, или со други зборови секој што има два стана може да ги стави под хипотека и да учествува на овој тендер, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Сепак, компаниите немаат голема доверба дека двете општини имаат капацитети за навреме да ги завршат своите работи. Велат и дека трошоците не се така ниски, како што власта се обидува да ги претстави.

-И покрај тоа што државата обезбедила трошокот да биде на трошок на државата.... Мислам дека тој трошок не е за занемарување. Мислам дека е доста висока цената. 25 MW по просечна цена од 25.000 евра – 75.000 евра. Мислам дека е навистина висока за цена на приклучок, истакна бизнисменот Горан Паунов.

Анѓушев тврди дека првичната цена за приклочок била многу повисока, но владата успеала да издејствува таа да се намали.

Државата ќе ги заврши сите потребни административни процедури и ќе го пренамени земјиштето во градежно. Во двете општини ќе се градат електрани од 35 мегавати инсталирана моќност. Од кои, 25 во Свети Николе и 10 во Македонски Брод. Тендерот ќе трае до средината на август, а понудите ќе бидат отворени јавно. Парцели ќе добијат оние компании кои ќе побараат најмала поддршка од државата.