Балкан
14. јуни 2017 - 13:13

Објавен прв јавен повик за проекти за прекугранична соработка со Косово

Објавен е првиот јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Косово во рамки на кои на располагање се 2.040.000 евра од страна на Европската унија за проектите за двете држави, изјави на денешната прес-конференција министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

- Повикот ќе биде отворен до 28 јули, а кофинансирањето во висина од 15 проценти од искористените средства за овој повик ќе ги обезбеди Министерството. Можат да аплицираат невладини организации, општини, центри на планските региони, универзитети, училишта, бизнис-асоцијации и други непрофитни субјекти од Полошкиот, Скопскиот и Североисточниот плански регион, изјави Фазлиу.

Посочи дека средствата се наменети за проекти во две области и тоа милион евра за конкурентност и развој на мали и средни претпријатија и милион за проекти за поттикнување на туризмот и културното и природно наследство.

- До 2020 година за имплементација на Програмата за прекугранична соработка со Косово на располагање се вкупно 8,5 милиони евра. Од страна на Брисел за првпат е воспоставена програма за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Србија. Се работи на воспоставување и организација на структурите од двете страни кои наскоро треба да го објават првиот јавен повик, изјави Фазлиу.

Истакна дека поддршката од ЕУ преку ИПА инструментот е многу значајна за Македонија и ќе се залага за максимално искористување, бидејќи реализацијата на овие проекти, како што рече, води кон социјална и економска интеграција на сите граѓани во општеството.