Македонија
2. August 2019 - 14:43

Објавен повикот за пријавување за највисоките награди на Општина Кочани

Oпштина Kочани и годинава ќе ги додели наградите за значајни остварувања и за животно дело за што објави јавен повик за доставување пријави.

Нема промени во пропозициите во однос на изминатите години, односно и овојпат наградата за значајни остварувања за развојот на општината може да им се додели на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани.

– Минатата година на Советот на Општина Кочани донесе одлука со која се укина паричниот дел за наградата за значајни остварувања, што се исплаќаше во висина од пет просечни плати во државата. Таа сега е во форма на плакета што претставува стилизирана изработка на оризова ракатка, во изведба на бело злато врз темноцрвена кадифена основа. Општината и годинава ќе ја додели наградата за животно дело во вид на плакета, а се однесува на случаи во кои се постигнати исклучителни резултати и остварувања во областа на науката, уметноста, иноваторството, стопанството и другите дејности од јавен интерес, истакна Емилија Серафимова, претседателка на Комисијата за награди и признанија на Општина Кочани.

Предлозите за доделување на наградите, со приложено образложение, се доставуваат до Комисијата за доделување награди на адреса на Општина Кочани, а јавниот повик за поднесување на пријавите трае до 25 август. Наградите ќе бидат доделени на 7 Септември – Денот на ослободувањето на Кочани.

Прв добитник на наградата за животно дело во 2010 година беше основачот на Институтот за ориз во Кочани, Лазар Бабамов, a следната година му припадна на основачот на музичкотo училиште, Ристо Јуруков. Потоа наградата ја добија и поранешниот стопанственик и градоначалник Тодосија Паунов, спортскиот работник Јордан Манов, музичкиот амбасадор на Кочани, Стево Теодосиевски, академикот Благој Попов, поранешниот стопанственик и пратеник Иван Иванов, д-р Константин Апостолов, врвно име во домашната и во светската медицина и музичката група „Тенеси“.

Наградата за значајни остварувања, пак, досега им беше доделена на боречкиот клуб „Спартак“, Месната заедница Бели, Клубот за гимнастички спортови „Партизан“, Здружението на пензионери, женскиот фудбалски клуб „Кочани“, на Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“, сликарот Танас Дедов, ФК „Осогово“ и на холандската компанија „Антура“.