Македонија
20. November 2015 - 14:21

Објавен конкурс за 2.905 студентски стипендии, износите повисоки за 10 отсто

Министерството за образование и наука објави нов конкурс за студентски стипендии за академската 2015/2016 година. Оваа година се доделуваат 2.905 студентски стипендии и согласно одлуката на Владата од мај износите на стипендиите се зголемени за 10 отсто. 

Ова денеска го соопшти заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски кој нагласи дека уште еднаш го потврдуваат развојот во високото образование и поддршката на студентите. 

Ристовски појасни дека стипендиите се поделени во четири категории. Првата категорија на стипендии се однесува за студенти од социјално загрозени семејства, односно семејства корисници на социјална парична помош или друг вид поддршка од државата, со што предност имаат децата на самохрани родители, децата без родители и студентите со посебни потреби. Нивниот износ е 3.300 денари за 9 месеци. 

Втората категорија е за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето, и тоа за студенти запишани на техничките факултети и медицинските науки кои постигнале просечен успех од најмалку 8.50, а за студентите на општествените науки и уметностите најмалку просечен успех од 9,00. Се доделуваат 630 стипендии во висина од 4.400 денари. 

Се доделуваат 125 стипендии во износ од 6.050 денари за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето, најмалку просек 9.00, а се запишани на студиски програми по информатика. 

Во последната категорија се доделуваат 650 стипендии во висина од 3.300 денари наменети за студенти запишани на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки кои постигнале просечен успех од најмалку 7.00. 

Заменик-министерот Ристовски истакна дека сите заинтересирани студенти можат електронски да аплицираат до 27 ноември годинава. Потоа сите потребни документи, кои се наведени во Конкурсот, се доставуваат директно до Министерството за образование и наука до 15 декември. Резултатите ќе бидат објавени на 30 декември.