Македонија
5. February 2019 - 14:03

Објавен јавен повик за финансирање проекти и активности од областа на културата во Скопје

 Градските власти ги повикуваат сите заинтересирани правни субјекти да аплицираат на распишаниот јавен повик за финансирање проекти и активности од областа на културата, што се од интерес на Град Скопје. Овој повик е  во рамки на проектот „Од центарот кон периферијата: културата како алатка за социјален развој“.

Јавниот повик е објавен денеска и ќе трае до 5 март годинава, односно 30  дена од денот на објавувањето во средствата за јавно информирање. Имаат право да аплицираат установи од областа на културата, здруженија на граѓани и фондации, како и други правни лица што вршат дејности од оваа област во согласност со Законот за културата и другите позитивни законски прописи во Република Македонија.

– Со цел да се обезбеди деконцентрација на културата и таа да се дисперзира на територија на Град Скопје, а притоа да се лоцираат неискористени јавни простори и јавна инфраструктура, чија реупотреба може позитивно да влијае и да го подобри социјалниот и културниот живот на жителите на  градот,  Град Скопје распиша јавен повик на кој ќе бидат доделени средства за реализација на проекти што ги остваруваат целите на јавниот повик, се вели во соопштението.

Проектот ќе се реализира во текот на 2019 година, не подоцна од 1 декември, на отворени јавни простори и површини, како и во админстративни објекти што се во јавна надлежност: месни заедници, домови на културата… Средствата за оваа намена се предвидени во буџетот на Град Скопје за 2019 година.

Една од целите и приоритетите на проектот е предложените проектни активности  да вклучуваат интерактивност со локалното население со кое ќе се дефинираат културните потреби и активности, а се препорачува и вклучување на припадниците на социјалните ранливи групи и малцинства, припадници на етничките заедници, деца и ученици што живеат во околината,  со вклучување родова компонента и  родово избалансирани активности.

Повикот  со апликацискиот формулар е објавен и на официјалниот  портал на Град Скопје на следниот линк: www.skopje.gov.mk/ShowAnnouncements.aspx?ItemID=9978&mid=482&tabId