Свет
10. August 2017 - 8:51

Обилни врнежи од дожд предизвикаа поплави во делови од Британија

Обилниот дожд, што во текот на целиот вчерашен ден врнеше во делови од Велика Британија, предизвикаа поплави и проблеми во сообраќајот.

Посебно се погодени одделни англиски области, како Источен Јоркшир и североисточен Линколншир, каде силниот дожд предизвика најмногу проблеми.

Поплавени се стотици домови, а на десетици главни и магистрални патишта се најдоа под вода, наликувајќи на реки, па се целосно затворени за сообраќај.

Агенцијата за борба со непогоди прогласи „жолта тревога“ и во Лондон и во делови од југоисточна Англија, каде силен дожд имаше во текот на целиот ден.

Лошото време, дополнето со температури од само 16 степени Целзиусови, што е под просечно и за влажното и свежо британско лето, се означува како најлошиот ден оваа летна сезона.

Според метеоролозите, само во текот на вчерашниот ден наврнал дожд, колку што обично паѓа во текот на целиот август.

Специјалните служби јавуваат за излевање на водата од реките и каналите, кои предизвикале проблеми во патничкиот и железничкиот сообраќај.

Пистата на вториот по големина британски аеродром „Гетвик“ во Лондон, во одделни делови од денот била исполената со вода, но и под такви услови авионите слетувале, па нема поголеми нарушување во авионскиот сообраќај.

Британската метеоролошка служба соопшти дека обилните врнежи ќе намалат дури денеска во раните утрински часови.