Свет
29. December 2017 - 19:12

Обилни снежни врнежи ја блокираа Велика Британија

Делови на Велика Британија се зафатени од обилни снежни врнежи, кои предизвикаа застои и прекини во воздушниот и копнениот сообраќај.
 
Британската метеоролошка служба соопшти дека најобилни снежни врнежи се регистирани во Шкотска, Велс и северните делови на Англија, каде на места се формирала снежна покривка со дебелина и до 15 сантиметри. 
 
Во Шкотска и во северна Англија е прогласено „жолто“ ниво за опасност од снег и голомразица.
 
Поради обилниот снег, неколку часа затворен за сообраќај беше и аеродромот во Глазгов, од каде летовите беа пренасочени кон Единбург.
 
 
Полицијата апелираше до граѓаните да не заминуваат на пат без поголеми потреби, а компанијата задолжена за одржување на автопатиштата „Хајвејз Ингланд“ им препорача на возачите на камиони со себе да носат лопати, топла облека, храна и вода.
 
Осигурителната компанија „Отомобил Асошиејшан“ информира дека до 10 часот по локално време (11 часот по средноевропско време) примила вкупно 1.687 повици за оштетени возила при сообраќајни несреќи, а конкурентската РАЦ соопшти дека во текот на денов „на секои десет секунди се случувала по една сообраќајка“.