Македонија
5. December 2023 - 20:06

Обид за киднапирање или покана за кафе? – МВР и Општина Карбинци различно го толкуваат настанот

Обид за киднапирање или покана за кафе – локалната власт и полицијата различно го толкуваат настанот кој предизвика страв и паника во Карбинци.

Грaдоначалникот за Сител вели дека не го разбира демантот на МВР оти, според него, бил објавен додека се уште зборувале сведоците.

Според Паунов, во близина на училиштето застанал темносин голф со затемнети стакла и скопска регистрација. Од него излегол непознат маж и на случаен ученик му покажал фотографија од ученичка во деветто одделение од неговиот телефон. Му рекол да ја повика. Кога девојчето се доближило, лицето од автомобилот ја поканило да одат на кафе, а и понудил и пари. 13 годишното девојче исплашено истрчало кај директорката бидејќи не го познавала. Во меѓувреме, истиот човек му пришол на ученик од шесто одделение и давајќи му 200 денари се обидел да го намами да влезе во возилото. Го повлекол за јакната, но детето избегало.

Директорката повикала полиција, а ученикот парите ги предало на инспекторите, вели градоначалникот на Карбинци.

Од МВР тврдат дека нема обид за грабнување.

Околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило ‘голф’ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот“, велат оттаму.

Полицијата до доцна попладнево била во училиштето. Наставата во втора смена течеше нормално.

Родителите на учениците беа вознемирени. Велат добиле повик од наставниците да си ги земат децата од школо пред време.

Во основното „Страшо Пинџур“ во Карбинци учат околу 300 деца.