Македонија
7. April 2018 - 11:13

Обичаи за Велигден во Кумановско

Дел од обичаите за Велигден исчезнуваат, а дел се пренесуваат од една на друга генерација, сметаат етнолозите од Кумановскиот музеј.

Кустосот од Музејот во Куманово Анита Ѓорѓиеска појасни дека правлославната црква го смета за најголем, но тоа е и еден од најстарите празници кој се споменува уште од вториот век.

- Велигден, празник над празниците, секогаш се паѓа во недела и тоа во првата недела по полната месечина, пролетна рамнодневица. Бидејќи е подвижен празник, датумот на неговото празнување може да се поместува во раздобје од пет недели или триесет и пет дена. Најрано може да се падне на 22 март по стар или 4 април по нов календар. Најдоцна се паѓа на 25 април по стар, односно 8 мај по новиот календар, вели Ѓорѓиеска.

Домаќинките во минатото јајцата ги боеле со природни бои добиени со варењето на одредени растенија, кори од дрва. Ги шарале со туткал, или со восок. Првото обоено јајце, црвено се чувало за заштита од болест и заштита на куќата од секакви зла. Второто и третото јајце се закопувале во земја, во бавчите, лозјата за заштита од град и други непогодби.

Велики Петок, како што рече, во народот е доста значаен празник во кој е собрана сета тага и бол. Верниците го кителе симболично прикажаниот гроб на Исус Христос со цвеќе. Тој ден била строго забранета секаква работа како во куќата така и во нивата. Во сабота се приготвувало јадењето, со месење на разни велигденски теста украсени со јајца, се колело јагне или живина за Велигден. Вечерта во сабота наспроти недела се огласуваат црковните ѕвона и се прогласува Христовото воскресување.

- Недела, Велигден-празник над празниците, ден на радост и веселба, ден на проштевање и дружење. Тој ден сите се посетуваат домовите на најблиските и пријателите и се поздравуваат со Христос Воскресна и отпоздравуваат со Ваистина воскресна и се така до празникот Спасовден. Меѓусебно се кршат со велигденските јајца и на оној кој ќе му остане нескршено јајцето постои верување дека ќе има среќа во сите започнати работи во текот на годината, појасни Ѓорѓиеска.

Вториот ден од Велигден е поврзан за култот на мртвите и тој ден се посетуваат гробовите и се носат црвени јајца како помен за мртвите.

Во народната традиција на празнувањето на Велигден, содржани се покрај црковни и други елементи, кои во континуитет се сочувани од стари религиски епохи, а се вржани за култот на природата и нејзиното повторно пролетно обновување.