Македонија
11. September 2015 - 14:22

Обичаи и народни верувања: Еве што не смеете да правите денеска!

Денеска е Отсекување на главата на Св. Јован Крстител, спомен на погубувањето на последниот старозаветен пророк.

Празникот посветен на погубувањето на св. Јован Крстител што секоја година се празнува на 11 септември (н.с.) во народниот говор се среќава под различни имиња: Св. Јован Сечиглав, Св. Јован Отсечен, Св. Јован Опсечен итн. Поради значењето на овој светец црквата овој ден го прогласила за строг пост.

Последниот старозаветен пророк свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исус Христос во реката Јордан. Тој е наречен и Претеча што значи претходник, зашто со своето учење навистина му претходел на Исус, одел пред него, го повикувал народот на покајание и го најавувал доаѓањето на Спасителот. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел свети Јован додека го покрстувал народот. Многумина Јудејци доаѓале кај него за да бидат крстени, а многумина го почитувале како вистинскиот Спасител.

Јован сведочел дека Исус е синот Божји. „Он треба да расте, а јас да се смалувам! Кој доаѓа одозгора, тој е над сите, а кој доаѓа од земјата, земен е и како земен зборува. Кој доаѓа од небото над сите е“. (Јован, 3/30-31)

Во народниот живот и во народното верување свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството, зашто како што се кажува во преданијата и како што се пее во песните, кога светците ги делеле функциите свети Јован ги добил кумството и побратимството. „Свети Јован - кумство, побратимство“, се пее во една песна од Дебарско.

Според светото предание св. Јован и Исус биле блиски роднини, зашто мајката на св. Јован, Елисавета, и била тетка на Марија, мајката на Исус.

Денеска е строг пост. Според народното верување, денеска не смее да се јаде и пие ништо црвено, бидејќи тоа е бојата на крвта. Народот верува дека е ова добар ден да се берат билки. Не се јадат јаболки, домати, и ништо друго што ја носи црвената боја. Денеска не треба да се зема нож во рака.