Македонија
17. December 2015 - 8:59

Обезбедени 100 хуманитарни пакети за ранливите категории во Крива Паланка

Во заедничка акција на општинската организација на Црвен крст од Крива Паланка и компанијата „Вардар експорт-БИ“ обезбедени се 100 хуманитарни пакети кои ќе бидат доделени на ранливите групи од општината.
 
Пакетите се обезбедени преку двомесечно одделување по еден денар од продажбата на лебот што го произведува кривопаланечката пекарница на „Вардар експорт-БИ“.
 
- Со спроведувањето на оваа акција, што е прв ваков пример за соработка на ООЦК Крива Паланка со бизнис секторот, се покажа подготвеност, хуманост и препознавање на потребите на социјално загрозените семејства, што говори за  општествената одговорност во однос на локалната заедница, iзјави Дарко Пешовски, секретар на ООЦК , Крива Паланка.
 
Во соработка со меѓуопштинскиот Центар за социјални работи, додаде, социјалните пакети ќе бидат доделени на семејства-корисници на социјална помош, на ранливи категории лица од училиштата и на семејства од руралните населби.
 
По повод успешно спроведената акција за помош на социјално загрозеното население, градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, му врачи општинска плакета на сопстевникот на фирмата „Вардар експорт-БИ“.
 
Алексовски ја поздрави иницијативата која оваа компанија ја спроведе во соработка со ОО на Црвен крст од Крива Паланка и ги повика и останатите субјекти од бизнис секторот да го следат овој пример и да се приклучат кон хуманитарни активности од ваков вид преку кои ќе дадат свој придонес за подобрување на квалитетот на живот на ранливите категории .