Македонија
3. March 2019 - 12:43

Обележан уште еден рис мажјак во Националниот парк „Маврово“

Во Националниот парк „Маврово“ обележан е уште еден рис на којшто му е поставен ГПС околувратник за следење на неговото движење.Тимот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис од Македонско еколошко друштво заедно со вработени во Националниот парк „Маврово“ го обележаа рисот на 27 февруари и до денес успешно се следи неговото движење. Се работи за млад мажјак стар околу 2 години и тежок 19 килограми.

- Откако вработени од националниот парк „Маврово“ ни јавија за плен на дива коза, се вративме на местото и рисот беше фатен со специјална замка. Рисот се врати по 6 часа а целата процедура за земање телесни мерки и крв траеше околу еден час, по што рисот беше пуштен на слобода. На овој терен имавме и помош од експерт за рис од Словенија Миха Крофел, изјави Диме Меловски, раководител на Програмата за закрепнување на балканскиот рис во МЕД.

Според тимот од Програмата за закрепнување на балканскиот рис интересно ќе биде доколку овој рис нема воспоставено своја територија. Во тој случај ќе може да се открие кои патишта и коридори ги користат рисовите со цел да го најдат својот дом. Од големо значење ќе биде да се следи рисот во наредните неколку месеци.

Пред помалку од еден месец МЕД и НП „Маврово“ го обележаа со ГПС околувратник досега најтешкиот рис од кога се спроведува оваа постапка во Македонија, а тоа беше рисот тежок 27 килограми којшто публиката го крсти Бистри.