Македонија
21. January 2023 - 16:38

Обдукцијата треба да покаже од што починала жената пронајдена во Струмица

Дали 83 годишната струмичанка која беше пронајдена мртва во нејзиниот дом починала од природна смрт или била убиена ќе се утврдува со обдукција. И покрај шпекулациите дека се работи за убиство, надлежните институции ниту ги потврдуваат ниту пак демантираат истите. Од струмичкото обвинителство само информираа дека сомнеж постои, но не сакаат да шпекулираат, а точните причини за смртта ќе се знаат откако ќе го добијат извештатјот на обдуцентите од судска медицина кои синоќа работеа на терен заедно со обвинителот и полицијата. Околу седум часа траеше увидот, а пристапот до куќата и денеска не е дозволен.

Соседите во шок и неверување. Неколку часа пред да ја слушнат тажната вест ја виделе жената како се враќа од црква. Велат се работи за мирна и скромна жена за која немаат ниту еден лош збор. За настанот разбрале откако дошло возилото на итната медицинска помош.

83 годишната жена била пронајдена мртва вчера попладне од страна на блиски членови на семејството. Тие ја повикале брзата помош, по што од болницата била известена и полицијата.