Македонија
18. August 2018 - 17:04

Обдукцијата треба да ја открие причината за смртта на параглајдеристите

Јавното обвинителство од Прилеп нареди да се изврши обдукција врз телата на двајцата параглајдеристи кои вчера загинаа во близина на полетувалиштето Мечкин Камен кај Крушево. Исто така од ОЈО информираат дека во насока на расветлување на настанот издадена била и наредба за обезбедување на траги и докази, наредба за симнување на видео запис и наредби за исчитување на податоците од лајф-трекер системите на параглајдерите.

Несреќата се случила вчера околу 12.30 минути кога дошло до судир во воздухот помеѓу двајца параглајдеристи, 56 годишниот И.В. од Украина и 54 годишниот И.П. од Велика Британија, при што украинскиот параглајдерист починал на лице место, а британскиот параглајдерист со тешки телесни повреди е пренесен во општата болница во Прилеп каде починал неколку часа по хоспитализирањето и обидите за негова реанимација.

Ниту МВР, ниту Јавното обвинителство од Прилеп засега не откриваат повеќе детали околу овој случај.

Според првичните и засега неофицијални и непотврдени информации дознаваме дека во моментот на судирот во воздухот кој се случил во близина на полетувалиштетот Мечкиин Камен украинскиот параглајдерист го отворил резервниот падобран и се спуштил на земја, но кога го пронашле бил веќе мртов. Додека пак британскиот параглајдерист не ја отворил резервата и паднал директно на земјата од каде потоа е пренесен во прилепската болница каде и починува.

Но сите овие детали и што точно се случило треба да ги утврди истрагата.

Во моментов во Крушево се одржува британското првенство „British Open 2018“ на кое биле пријавени над 130 учесници. На него се натпреварувал и почиинатиот Британец, додека пак Уктаинецот и бил дојден како слободен летач. Во Крушево освен учесници на „British Open 2018“ има и голем број слободни летачи, така што според Општина Крушево бројката на параглајдеристи во највисокиот град на Балканот во моментов била околу 500.

Инаку Крушево станува светска број 1 дестинација за параглајдинг и змејарство. Само ова лето се закажаа околу 10 меѓународни натпревари. Досега на нив присуствуваа неколку илјади параглајдеристи и љубители во овој адреналински спорт од целиот свет.

Параглајдинг туризмот забрзано станува уште еден препознатлив бренд за највисокиот град на Балканот. Од Општината најавуваат дека порадии големите гужви кои се прават на Мечкин Камен веќе се размислувало да се уредии уште едно полетувалиште.

Минатиот месец Крушево беше домаќин и на 20-то европско и 8-то светско првенство во змејарство на кое учествуваа над 130 пилоти од 33 држави.

В година во Крушево треба да се одржи и светско првенство во параглајдерство.