Македонија
15. December 2017 - 16:59

НВО: Измените во законот за следење на комуникациите создаваат нов центар на моќ

Предложениот закон за следење на комуникациите воопшто не е во согласност со Европските директиви и препораките на Прибе, обвинуваат граѓанските здруженија. Тие сметаат дека со формирањето на Оперативно-техничката агенција ОТА, единствено се создава нов центар на моќ кој досега го имала Управата за безбедност и контраразузнавање, и се сомневаат дека телефонските разговори помеѓу граѓаните можат многу лесно да се слушнат во јавноста.

- Бараме од Владата да ги земе предвиде сериозно препораките што повеќе граѓански организации ги доставија до нејзе, да го отвори процесот како што се имаше заложено во планот 3-6-9, дека овој процес ќе биде инклузивен со широки јавни дебати и консултации кои за жал изостанаа и сепак да најде сили да ги вклопи сите овие препораки за да ги увери граѓаните дека нема да продолжи се како што тоа било до сега, вели Александар Николов, Асоцијација „Зенит“.

Здруженијата на граѓани очекуваат во надзорот на работата на агенцијата задолжена за следење на комуникациите да се вклучат и Собранието, Народниот правобранител и Агенцијата за заштита на личните податоци.. Апелираат до Владата да не брза во донесувањето на законот само заради претходно зацртаните планови во програмата 3-6-9.

- Многу е поважно да направиме точна проценка на проблемите каде се и да се договориме со кој модел ќе одиме напред.. Магично решение нема да добиеме и веројатно ќе одиме неколку чекори напред и ќе погледнеме каде се проблемите во овој нов концепт и ќе се вратиме назад, вели Симонида Кацарска, Институт за европски политики.

Според предложениот закон, постапката за прислушување ќе почнува кај јавниот обвинител кој од надлежен судија бара издавање наредба за следење на разговори или смс пораки на лице осомничено за криминал. Прислушување може да побара и врховен судија ако се работи за заштита на интересите и одбраната на државата.