Македонија
19. November 2015 - 11:45

„Нутрикон 2015“: Добро балансирана храна и да се јаде умерено

Потрошувачите секојдневно да се информираат и да се јаде умерено, ова е заклучокот на меѓународната конференција за квалитет и безбедност на храна, здравје и нутриционизам „Нутрикон 2015“, што денеска и утре се одржува во Скопје.

Состојки и додатоци во храната, структура на храна, адитиви, витамини, фортикикација на храна, нутритивна физиологија, производство и преработка на храна, прехранбено инженерство и одржливост, клиничко здравје и исхрана, анализи на храна, микробиологија, хемија и биохемија на храна, сензорни својства на храна и ИТ науки, квалитет и безбедност на храна, јавно здравје и нутритивна епидемиологија, микробиолошки, хемиски, физички опасности, анализа на ризик, јавно здравје и исхрана, прехранбена биотехнологија, нови биопроизводи, функционална храна, потрошувачи, се само некои од темите на конференцијата.

„Нутрикон 2015“ се организира во соработка со Европската групација за хигиенско инженерство и дизајн (ЕХЕДГ), Иницијативата за глобална хармонизација (ГХИ) и Спрингер, а е акредитирана од Лекарската комора на Македонија и Стоматолошката комора на Македонија.

Проф. д-р Владимир Какуринов, извршен директор на Консалтинг и тренинг центар „Клуч“ информира дека оваа конференција вторпат се одржува во Македонија. Првпат се одржа лани, на иницијатива на Европската федерација за храна, наука и технологија. 

Тој истакна дека последните неколку години, не само во Македонија туку и во другите држави, постои тренд на социјалните медиуми да се јавуваат луѓе кои препорачуваат лекови кои лечат разни и тешки болести. Сето тоа, како што рече, не е проверено, не е базирано врз научни податоци, факти и докази.

- Идејата беше на едно место да се соберат повеќе струки кои од различен аспект ќе зборуваат за темата. На едно место се собираат доктори по хумана медицина, орална медицина, биотехнолози и технолози и се дискутира за прашања за квалитет, безбедност за храна, здравје и нутриционизам. Сето тоа е базирано врз научни истражувања и клинички опити, рече Какуринов и додаде дека  ова е мултидисциплинарна средба.

Според него, на ова место луѓето се вмрежуваат и дознаваат кој до каде е, што работи и што е најново. Тоа е прекрасна шанса за македонската наука и научници да се вмрежат со своите колеги од целиот свет и да работат уште поуспешно. 

- Акцентот на конференцијата годинава е традиционалната храна, традиционалниот начин на исхрана и традиционалната медицина, од аспект на лечење на разни болести. Употребата на билки со кои Македонија е исклучително богата. Имаме претставници од Азија кои ќе зборуваат за нивното искуство и клинички опити во Азија, Јужна Америка и Југоисточна Европа, рече Какуринов. 

Тој нагласи дека секој потрошувач треба секојдневно што повеќе да се информира, да прави свој индивидуален избор.

- И она што е клучно во исхраната е да се јаде умерено. Не може да се каже дека нешто е исклучително здраво или не е здраво бидејќи она што се смета дека не е здраво му е неопходно на организмот. Целта е само колку се користи количински, истакна Какуринов. 

Д-р Јашар Џенгис, шеф на дијагностички лаборатории во Клиничката болница „Аџибадем Систина“-Скопје за конференција има подготвено излагање за улогата на витаминот Б3 во однос на стареењето и за тоа како да се забави тој процес. 

- Добар дел од болестите што се јавуваат кај луѓето, тоа го потврдуваат и сите епидемиолошки анализи, се резултат на несоодветна и неадекватна исхрана од една страна. Храната што ја конзумираме не секогаш е свежа, од вистински извор или е сертифицирана, рече Џенгис.

Со храната, како што рече, не треба да се претера, да не се јадат секој ден хамбургери со пржени компирчиња, пица... Треба да се избалансира таа храна и да не се јаде еден ист тип на храна. 

Џенгис нагласи дека треба да се внимава на исхраната и секојдневно да има добро балансирана храна. Риба, телешко месо, мисиркино месо, сончогледовите семки, грашок и авокадо се материи кои имаат најголема концентрација на витамин Б3. 

На конференцијата учестувуваат повеќе од 150 научници, истражувачи, експерти, компании, владини и невладини организации, консултанти и индивидуалци од Европа и од целиот свет кои работат во областите на производство, преработка, квалитет и безбедност на храна, исхрана, здравје, нутриционизам, хигиенско инженерство и дизајн, иновативни технологии, нови трендови во прехранбената индустрија.