Македонија
8. јуни 2019 - 14:33

Нуркачи ќе го чистат Беровско Езеро

Нуркачи од клубот „Пена” при македонско-хрватското друштво „Тетово” и нуркачите од спелеолошко-нуркачки клуб „Врело’’ од Матка, денеска и утре во Берово, ќе реализираат акција за чистење на Беровско Езеро.

Акцијата како што информира Билјана Каламадевска од Општина Берово ќе се одвива во соработка со Единицата на локалната самоуправа.

-Еколошката акција ќе се реализира во соработка со Општина Берово, а нуркачите имаат за цел да делуваат едукативно на населението со порака дека треба да се менуваат навиките во интерес на зачувување на животната средина, истакна Каламадевска.

Во рамки на акцијата ќе се чистат пластични предмети, гуми и други делови од моторни возила, разни метални предмети, како и заостанати рибарски мрежи во кои се фаќаат риби и угинуваат.

Овие клубови имаат релизирано повеќе акции од ваков тип за подводно чистење на природните и вештачките езера од разни видови на отпад.