Македонија
24. јуни 2021 - 14:21

Нуредини: Ковид кризата отвори можност за опоравување на економијата на „зелен“ одржлив начин

Ковид кризата беше стрес – тест за сите институции и никој од нас не беше подготвен. Но, од друга страна отвори можност и предизвик опоравувањето на економијата да го направиме на „зелен“, одржлив начин, истакнал министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на Економскиот форум што се одржа вчера во Скопје.

Министерот зборувал за можностите за одржливо и зелено закрепнување на државата од Ковид кризата, при тоа ги посочил Ревидираните национали придонеси кон Договорот од Париз во кои веќе е проектиран сет од 63 мерки кои според него иако се однесуваат на постигнување на националната цел за намалување на емисиите на стакленичките гасови за 51 отсто, исто така се применливи и како мерки за опоравување од Ковид кризата и за обезбедување на одржлив развој на државата.

-Мора да се разбере дека со овие мерки се отвараат можности за нови работни места, за зелени работни места, се поттикнува приватниот сектор кој веќе ја препознава поврзаноста на економскиот развој со промена во пристапот и изборот на нови технологии, користење на обновливи извори на енергија, и се влијае и на промена на однесувањето на потрошувачите. Во крајна линија мерките се проектирани да ги развиваат локаlните бизниси, се трудово интензивни, го намалуваат чинењето на производниот процес, отвораат нови работни места и поттикнуваат користење на локално произведени материјали што само по себе значи одржлив развој, истакнал Нуредини.

Како што информират од Министерството за животна средина и просторно планирање, определба за имплементација на Зелената агенда, Нуредини ја окарактеризирал како определба да се оди по патот кој води кон Европскиот Зелен договор. Информирал дека во државава веќе се имплементирани дел од целите на Зелената агенда, и се отвориле поголеми можности за развој на регионалната соработка, а воедно и се зголемил пристапот до нови инвестициски фондови.

Нуредини се осврнал и на отпадот како едно од клучните актуелни прашања во животната средина, споменувајќи дека сега конечно имаме системски пристап во решавањето на ова прашање.

-Креирани се новите политики и регулатива за областа, се обезбедуваат средставата за реализација на регионалниот систем за управување со отпадот и обезбедени се условите за развој на циркуларна економија, рециклирањето, реупотребата на материјали како секундарна суровина и отварање на нови зелени работни места во оваа област, истакнал министрерот Нуредини на на Економскиот форум во Скопје.