Македонија
11. July 2016 - 11:53

Нуланд на средби со партиските лидери

Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Викторија Нуланд, денеска во Американската амбасада се сретна со лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мандух Тачи, по што во партиските седишта ќе има средби и со претседателите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Ахмети по средбата со Нуланд не даде изјава за медиумите, но со соопштение се огласи партиската прес-служба. Ахмети и Нуланд, како што се наведува, разговарале за начините како да се реши политичката криза во Македонија и да се врати во фокусот на евро-атланските интеграции. Ахмети истакнал дека ДУИ се залага за конструктивно решавање на кризата и изразил оптимизам за брзо постигнување компромис во наредните денови. Тој компромис мора да биде сеопфатен за да се обезбедат услови за веродостојни и демократски избори што е можно поскоро, нагласил лидерот на Ахмети. Според ДУИ, сите страни треба да се договорат дека се исполнети условите за избори, а потоа да се одреди датум за нивно одржување.

Лидерот на ДПА Мендух Тачи, пак, во изјавата за медиумите по средбата со Нуланд ја пренесе, како што наведе, пораката од помошниокот-државен секретар на САД дека сега е моментумот да се направи се за да се прекине политичката криза и да биде постигнат договор за одржување избори.

Според Тачи, на средбата повеќе било разговарано за стратешките определби за излез на земјата од кризата отколку за конкретни насоки. Тачи посочи дека очекува политичките лидери денеска да добијат многу поостри пораки за решавање на кризата.

Претходно, Викторија Нуланд во Амбасадата на Скопје имала средби и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и со преставници на граѓански организации.

По серијата средби во Скопје, Нуланд треба да одржи прес-конференција во Американската амбасада на која се очекува информира за разговорите со партиските лидери и за нејзините очекувања за надминување на политичката криза во Македонија.