Македонија
13. July 2015 - 18:03

Нуланд: Итно решение на политичката криза за напредок во ЕУ и НАТО интеграциите

Американскиот помошник државен секретар Виторија Нуланд по средбата со лидерите на главните политички партии смета дека постои добра волја кај сите нив за постигнување договор за надминување на политичката криза. Според Нуланд договор, врз основа на пакетот решенија од втори јуни, мора да се постигне што е можно побрзо за Македонија да се врати на евроатланскиот пат.

Односите со САД се базираат на Декларацијата за стратешко партнерство од 2008, потенцира Премиерот Груевски, а НАТО и ЕУ интеграциите бараат решавање на кризатата врз основа на правен, институционален и политички процес согласно уставниот поредок и владеењето на правото.

Бизнис промоциите во САД придонесоа за доаѓање на американските инвеститори во земјава, а во следниот период се очекуваат и други. Оттаму, Груевски и Нуланд сметаат дека е потребно надминување на политичката криза за забрзување на економскиот раст.

Нуланд се сретна и со шефот на дипломатијата Никола Попоски како и со Ахмети, Заев и Тачи. СДСМ по средбата соопшти дека е изразена согласност дека се неопходни промени за функционалноста на институциите, судството, медиумите, како дел од процесот на промена на партизираниот државен систем. Заев констатирал дека договорот од 2-ри јуни предвидува решенија за критичните прашања и дека се потребни итни решенија за нормализирање на земјата, доколку се постигне договор за организација на влада што ќе подготви и спроведе избори.