Македонија
13. July 2015 - 15:45

Нуланд: Единствена и демократска Македонија интегрирана во НАТО и ЕУ е стратрешка цел на САД

САД се пријатели и партнери на Македонија веќе 20 години и силно ја поддржуваат нејзината евроатлантска интеграција. Обединети сме во таа стратешка цел не само со лидерите, туку и со народот на Македонија. 

Ова го изјави Викторија Нуланд, помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Никола Груевски.

- САД поддржуваат изградба на единствено, силно, демократско општество интегрирано во ЕУ и НАТО. Тоа се уште е наша стратешка цел за Македонија, и тоа не прави силни партнери. Ние сме обединети во таа цел, рече Нуланд.

Политичката криза, како што наведе, им отежнува на политичките лидери да се фокусираат на таа цел и затоа треба да се надмине, за што, според неа, има политичка волја.

- Сега е време да се стави крај на политичката криза. САД се задоволни што работат заедно со ЕУ, амбасадорот Бејли работи со еврокомесарот Хан да се зближат страните околу пакетот за разбирање кој ќе и овозможи на Македонија да се врати на патот што го избрала, а тоа се евроатлантските интеграции, развој, чесно владеење, владеење на правото, слобода на медиумите, на сите прашања кои се важни за државата, рече Нуланд.

Таа нагласи дека го поддржуваат договорот од 2 јуни и оти се останати само уште неколку работи кои треба да се завршат. - Комесарот Хан ќе дојде утре. Силно ги поддржуваме разговорите што ќе се одвиваат со него, додаде Нуланд. 

Посочи дека во текот на денот разговарала со сите клучни страни, за тоа како да се намали јазот за да се спроведе овој договор и  земјата да се придвижи кон реформите што треба да се направат во делот на медиумите, судството, изборните реформи.

-  Тоа ќе ни овозможи нам да ги поддржиме аспирациите на Македонија за приклучување кон НАТО. Тоа како што знаете ќе бара комплексни преговори со новата Влада во Грција за прашањето за името под покровителство на медијаторот на ОН Метју Нимиц. Подготвени сме да продолжиме со нашите силни заложби за решавање на овој проблем, штом вие постигнете договор за придвижување на земјата напред, решавајќи ја политичката криза. Верувам дека врз основа на консултациите што ги имав денеска со сите лидери вклучувајќи ги и Заев и премиерот, во Македонија постои политичка волја за решавање на овој проблем. Што поскоро го решите толку побрзо ќе можеме да се вратиме кон она што е интерес на граѓаните, кон развој, инвестиции и изградба на единствена и обединета Македонија за сите граѓани. Тоа го посакуваат САД, порача Нуланд.

Премиерот Груевски оценувајќи го разговорот како срдечен, отворен и конструктивен истакна дека заеднички констатирале дека билатералните односи меѓу државите се одлични и се засновани на принципите од декларацијата за стратешко партнерство и соработка од 2008 година. Нагласи дека на средбата разговарале за стратешките интереси на Македонија, за што е можно поскоро зачленување во НАТО, како и за потребата од итно започнување на разворите за членство во ЕУ.

- Во текот на наредниот самит на Алијансата во Варшава, идната година, исполнетоста на критериумите за членство и учеството на припаднуиците на АРМ во рамките на повеќе мировни мисии ни даваат потполно право да инсистираме на итно надминување на сите пречки за нашето зачленување. Грчко македонските разговори за надминување на разликите околу името треба да продолжат. Потребен е конструктивен пристап кон ефикасно решавање на наметнатите разлики со добра волја и желба за успех во склад со демократските принципи и меѓународното право. Неодамна договрените билатерални мерки за јакнење на довербата се добар чекор, рече Груевски.

Разговарале и за актуелните политички состојби и предизвици во Македонија.   

- Евроатлантските вредности ни се водилка во разрешувањето на тековните политички премрежија чие решение е единствено можно како правен институционален и политички процес во согласност со уставниот поредок и воспоставените начела на демократија и владеење на правото, посочи Груевски.

Груевски нагласи и дека во делот на економската соработка двајцата оцениле дека таа заостанува зад одличните политички односи.

- Трговската размена ги обврзува двете страни да работат на нејзино проширување и реструктуирање. Затоа пак, роудшоата организирани во неколку наврати изминатите години несомнено дадоа дополнителен импулс во приблекување нас нови американски компании во РМ. Дел од нив веќе отворија свои капацитети, свои фабрики, а дел градат и други дополнителни капацитети во кои отвораат голем број работни места, посочи Груевски.  

Нуланд денеска имаше средби со министерот за надворешни работи Никола Попоски, со лидерите на СДСМ и  на ДУИ  Зоран Заев и Али Ахмети,  а треба да се сретне и со лидерот на ДПА, Мендух Тачи.