Бизнис
2. January 2021 - 16:49

НУК: Третата даночна стапка ќе создаде хаос во работењето

Воведувањето на трета даночна стапка дополнително ќе создаде хаос во работењето на угостителите, бидејќи и натаму се остава можност за различно толкување за тоа кој производ по која стапка да се оданочи. Од Независната угостителска комора сметаат дека со тоа што нема единствена даночна стапка и натаму има простор за манипулација. Со цел да се избегне тоа, предлагаат одвојување на дејностите послужување и достава на храна и пијалоци.

Иако според владините ветувања требаше да се воведе единствена даночна стапка од 10% за сите ресторантски услуги, сепак според новите правила, во моментов угостителите имаат три даночни ставки. Со 5% ќе се оданочуваат нарачките за носење, 10% ќе биде данокот за храна и пијалоци во рестораните, но и за кетеринг, додека со 18% ќе се оданочуваат единствено алкохолните пијалоци.

Директорката на УЈП вели дека ќе работат на изнаоѓање соодветно решение.

Воведувањето на новата даночна стапка е дел од четвртиот сет владини мерки, чија цел е да се помогне на една од најпогодените гранки, но и да се намали можноста за манипулација со ДДВ-то. Угостителите сметаат дека новата даночна стапка нема да даде резултати на краток рок, но на среден ќе им овозможи полесно да ја надминат кризата.