Македонија
1. March 2017 - 14:48

Нухиу: Ќе бидат санкционирани сите нарушување на јавниот ред и мир

Министерството за внатрешни работи денеска ги осуди инцидентите што се случија синоќа по протестите во Скопје и најави дека ќе ги употреби сите капацитети за целосно да ги расчисти и санкционира одговорните за нив.

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу на денешната прес-конференција потенцираше дека ќе бидат санкционирани сите обиди за нарушување на јавниот ред и мир. Апелираше до сите граѓани на РМ да се воздржат од секаков вид насилство и нарушување на правниот поредок и уставните вредности.

- Граѓаните имаат право да протестираат на еден демократски начин, да се собираат на јавни места и да ги изразат своите ставови, но Законот за јавен ред и мир мора да се почитува. Би сакал да упатам апел до граѓаните сите свои ставови и мислења да ги изразат без нарушување на правните суштински вредности, рече Нухиу.

МВР, според него, ќе го зголеми бројот на полицајци кои ќе го обезбедуваат протестите. - Има стандарди и мерки кои се преземаат кога има протести, рече Нухиу додавајќи дека денеска побарал да се формира штаб кој ќе ги преземе сите мерки за големување на безбедноста во градот. 

На прес-конференцијата во МВР беше информирано за три инциденти што се случиле синоќа по протестот во Скопје во коишто беа нападнати новинар и камерман на интернет порталот „А1 он“ и се случиле две тепачки во близина на Народната банка и кај „Веро Џамбо“.

Помошникот министер за односи со јавност Јордан Ламаноски информираше дека во периодот 18:45 до 19:30 пријавени се три кривични дела „насилство“ во кои биле повредени пет лица.

Во врска со првиот случај повикани на информативен разговор се 12 лица. Според сознанијата на МВР извршители на нападот на новинарот и на камерманот биле две лица.

- Од засега две непознати лица физички биле нападнати новинар и снимател на А1он додека снимале прилог. Од страна екипата за итна медицинска помош тие се однесени во Ургетниот центар „Мајка Тереза“ каде им се констатирани телесни повреди и по укажаната лекарска помош се пуштени на домашно лекување. На местото на настанот биле легитимирани 12 лица со кои се обавуваат разговори, изјави Ламаноски.  Разговорите со овие лица се водат со цел да се најдат тие две лица кои извршиле напад врз новинарската екипа.

- Се чека исходот од обавените разговори, има и некои материјални докази, а се побарува и материјал од видео камерите поставени во непосредна близина со цел да се утврдат тие две лица, рече Ламаноски.

Нападот врз екипата, според него, траел многу кратко и биле нападнати од зад грб. - Во првичната нивна изјава кажуваат дека не виделе кои се лицата, посочи Ламаноски додавајќи дека земени предвид се сите фотографии и материјали објавени на социјалните мрежи од страна на граѓани и други новинари.

Од страна на СВР Скопје се преземаат сите мерки за пронаоѓање на сторителите, утврдување на мотивот и целосно расчистување на случајот. 

Ламаноски информираше дека второто кривично дело „насилство“ се случило околу 19:10 часот на автобуската постојка пред Народна банка на Македонија, каде 17 годишно лице од с. Бразда било нападнато од страна на група младинци на возраст од 16-18 години. Потоа истата група, физички нападнала уште шест други малолетници кои биле на автобуската постојка на возраст од 16 и 17 години при што едно 16 годишно лице од здобиените повреди во безсознание и со возило на Итна медицинска помош е однесен во клинички центар „Мајка Тереза“–Ургентна клиника, каде му се констатирани телесни повреди и е задржан на Неврохирургија за понатамошно лекување. Исто така, по настанот и уште едно 16 годишно лице е примено во клиничкиот центар „Мајка Тереза“–Ургентна клиника, каде му се констатирани телесни повреди и по укажаната лекарска помош. Момчето заедно со неговите родители настанот го пријавиле во Полициската станица „Центар“.

Третото кривично дело „Насилство“ се случило околу 19:20 часот во автобус на ЈСП бр. 58, кој се движел во насока кон Транспортниот центар. Според дадената изјава пред полициски службеници од возачот на автобусот добиена е информација дека во наведеното време, на автобуската постојка пред ТЦ „Веро Џамбо“, во автобусот влегла поголема група на младинци на возраст од 16-18 години и откако автобусот почнал да се движи лицата физички нападнале 17- годишен малолетник од автобусот и искршиле едно стакло. Откако автобусот застанал на постојката на Транспортен центар, сторителите излегле и се разбегале во различни правци. По настанот оштетениот е примен во клиничкиот центар „Мајка Тереза“–Ургентна клиника, каде му се констатирани телесни повреди и по укажаната лекарска помош, заедно со неговите родители настанот го пријавиле во Полициската станица „Центар“.

Од страна на полициски службеници од СВР Скопје преземени се мерки за целосно расчистување на настаните при што поради нарушување на јавниот ред и мир со елементи на насилство во Полициската станица од општа надлежност „Центар“ од страна на Единицата Алфа лишени од слобода и повикани се девет лица од кои пет лица на возраст од 14 до 18 години како можни сторители на насилството, а останатите во улога на сведоци на настаните. Во присуство на родители и адвокати на можните сторители извршен е разговор, по што малолетните лица се пуштени додека едното полнолетно лице е задржано во станица. 

- Увид е извршен на паркингот зад Народна банка од каде што е подигната една јакна со видливи траги слични на крв, а од едно лице, можен сторител, е земен пар панталони и една блуза со траги слични на крв. Од двете локации поврзани со настаните во делот на Народна банка и Веро Џамбо подигнати се два бриса со траги и еден нож. Сите подигнати траги и предмети се дадени на вештачење за да се утврди поврзаноста на овие два настани, рече Ламаноски.

МВР денеска до Основното јавно обвинителство Скопје ќе поднесе писмено известување, по што ќе следат соодветни поднесоци.