Македонија
5. July 2022 - 11:35

НСДП го прифаќа францускиот предлог

Извршниот одбор на НСДП, ставајќи го државниот интерес во преден план, одлучи да го прифати компромисниот „Предлог на Француското претседателство“ за решавање на спорот со Република Бугарија и отпочнување на преговорите со Европската Унија, имајќи го, како што се вели во соопштението од партијата, во предвид политичкиот моментум во кој се наоѓа Република Северна Македонија, исправена пред стратешки предизвици од кои зависи иднината и правецот во кој ќе се движи државата.

– Овој компромисен предлог е во рамките на Договорот за пријателство, добрососедство, и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија од август 2017 година и Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции од јули 2021 година. Со овој предлог македонскиот јазик како најбитен идентитетски белег станува рамноправен јазик во Европската Унија и целокупната правна документација на Европската Унија ќе биде преведена на кодифицираниот македонски јазик и македонскиот јазик ќе биде еден од службените јазици на Европската Унија, се вели во соопштението од НСДП.

НСДП, посочуваат од партијата, при градењето на ставот особено го почитуваше ставот на научната и стручна јавност, како на Советот за македонски јазик (СМЈ), кој го донел следниот заклучок: “Точките поврзани со статусот на македонскиот јазик покажуваат дека самостојноста и оригиналноста на македонскиот јазик се испочитувани и дека македонскиот јазик станува еден од официјалните јазици во Европската Унија.“.

– Утврдувањето на конечниот став по финалниот „Француски предлог“ за решавање на спорот со Република Бугарија, НСДП студиозно и аналитично го разгледа и донесе одлука во интерес на иднината, во интерес на демократскиот и економски развој на државата, во интерес на меѓународното етаблирање и геостратешко позиционирање на државата. Затоа повторно ги повикуваме на државничко однесување сите политички и општествени чинители кои треба да се изјаснат по овој предлог, се вели во соопштението од НСДП.

НСДП, исто така, бара Владата на Република Северна Македонија храбро да истапи и да го прифати „Предлогот на Француското претседателство со Европската Унија“, како и да го достави на разгледување во Собранието на Република Северна Македонија заради негово потврдување и донесување на обврзувачки заклучоци за неговата имплементација која, нагласуваат од партијата, мора да биде во рамките на Резолуцијата донесена во јули 2021 година.