Македонија
3. October 2018 - 18:06

Новото решение за распределба на квотите за аптеките заглави во ФЗОМ

Во сезоната на вирусни и респираторни инфекции пациентите не можат да дојдат до неопходната терапија. Во аптеките лекови на рецепт има само првите 5 до десет дена. Граѓаните се револтирани бидејќи оваа агонија трае со месеци и најтешно им е на оние кои неможат да ја купат приватно. Најзасегнати се астматичарите чии спрејови кои се многу скапи во аптеките ги има само на први во месецот.

- Лошо е како не, до петти има потоа не. Мене ми се неопходни лековите кои ги пијам за срце и притисок, ама тоа е кај нас. Кој има живци ќе шета низ аптеките во градот, јас незнам зошто толку проблем направија со тие квоти, реагираат граѓани.

Надлежните уште пред неколку месеци најавија решение за овој сериозен проблем на пациентите, но засега ништо од ветувањата. Има и работна група во Фондот во која членуваат и фармацевти кои бараат да се има предвид местоположбата на аптеката, гравитацијата на население, вработениот кадар и нивната стручност.  

- И денеска како и изминатите два месеци од Фондот за здравствено осигурување не одговорија на прашањата на Сител до каде е новото решение за распределба на квотите во аптеките.

Според информации на Сител, решенија на маса има но процесот е закочен кај финансискиот дел. Иако надлежните молчат, од фармацевтската фела коментираат дека со новиот модел на поделба на квотите како и законските измени што ги прават во Фондот, стимулирани мора да бидат и аптекарите кои се единствените во државата што имаат целосен увид каква терапија земаат пациентите. 

Сања Димитровска, Сител ТВ