Македонија
25. May 2017 - 16:58

Новото раководство на Лекарската комора најави новини во работењето

Приоритет ни се докторите, а тоа значи дека и пациентите ни се подеднакво важни, изјави денеска новоизбраниот претседател на Лекарската комора на Македонија, Калина Гривчева - Старделова.

Таа најави промени во статутот на работата на Лекарската комора и интензивирање на Законот за докторска дејност кој, како што нагласи, треба да се спроведе во Собранието и што побрзо да се донесе.

Посочи дека ќе го дооформат тимот кој ќе работи натаму на сите инстанци на Лекарската комора, потоа ќе направат финансиска ревизија на тоа што и како е сработено досега, за на нивните колеги од Собрание да им презентираат што се случувало досега, што ќе се случува од сега.

- Како Лекарска комора ќе инсистираме на редовна интензивна соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, затоа што она што досега ни сметало на лекарската фела е дека треба да се направат промени и во Законот за здравствена заштита и во Законот за образование. Ние тука мораме да земеме активно учество, односно докторската фела мора да земе активно учество, затоа што ние сме тие што ја пружаме таа услуга, а пациентите се тие што се на крај задоволни и незадоволни, а и ние сме нечии пациенти, истакна Гривчева - Старделова.

Додаде дека ова им е прв работен ден и почнуваат транспарентно да ја формираат целокупната нова структура на Лекарската комора. 

Заменик-претседателот на Лекарската комора, Илбер Бесими рече дека една од нивните цели во раководењето е да се спречи одливот на млади доктори од државата и за таа цел сакаат во најбрз можен рок да се усвои Законот за докторска дејност со измените во Законот за високо образование и во делот на специјализации.

- Тука се предвидени сите други подзаконски акти и начини на плаќање на доктори со што би направиле добра основа младите доктори да започнат со работа и да си ја вршат здравствената дејност во државата, рече Бесими.

Посочи дека електронскиот систем „МојТермин“ треба да претрпи измени, како и секој друг систем да еволуира и да се подобри првенствено во насока на подобрување на давање на здравствена услуга кон пациентите и на зачувувањето на достоинството на лекарите.

- Како став кој ние го протежираме од оваа позиција на новоизбрани раководители на Лекарската комора, е дека плаќањето по учинок треба да се укине целосно, рече Бесими.

Одговарајќи на новинарско прашање околу зголемувањето на просечната плата, тој истакна дека предлагаат едно многу солидно и добро издржано решение кое се надева дека многу брзо ќе биде прифатено од здравствените власти.

- Во принцип во Предлог-законот се планира платата на докторот како основа да ја земе просечната плата и да ги избегнеме сегашните ситуации кога платата на еден млад доктор е помала од платата на една медицинска сестра. Наш предлог е најмалата основна плата на доктор почетник да биде во висина од две просечни плати, додаде Бесими. 

Одговарајќи на новинарско прашање Гривчева - Старделова рече дека се што има во архивата, она што им е оставено да го сработат, било да се работи за пријава од доктор, пријава од пациент, многу внимателно ќе го разгледаат во рамките на нивните ингеренции според актуелните закони.