Македонија
13. December 2016 - 16:11

„Новогодишните бои на Скопје“ - натпревар за најубаво украсен објект

Град Скопје и годинава ја организира манифестацијата „Новогодишните бои на Скопје“, со која жителите на главниот град се мотивираат да ги украсуваат своите домови и работни простории и да придонесат во разубавување на празничниот амбиент на градот.

Жири составено од претставници на медиумите ќе избира најдобро украсени објекти и простори во категориите: двор од индивидуална станбена куќа; тераса од стан; угостителски објект (надворешно) и двор на средно училиште.

Заинтересираните граѓани и правни субјекти кои сакаат да учествуваат во натпреварот за најинтересно и најкреативно новогодишно украсување, може да се пријават од денеска до 26 декември на телефонскиот број 3297-265, од 9 до 16 часот. 

Фотографиите од украсените објекти со податоците за сопствениците, телефонскиот број и адреса, учесниците треба да ги праќаат на интернет-адресата mediumi@skopje.gov.mk или на поштенската адреса: бул. Илинден бр.82, со назнака: „За манифестацијата ’Новогодишни бои на Скопје’“.

- Градот Скопје и годинава обезбеди награди од 10.000 денари, што ќе им бидат доделени на првонаградените од трите категории, исто така, ЕВН Македонија ќе ги ослободи првонаградените во сите категории, еднократно од плаќање на сметката за потрошена електрична енергија за декември 2016 година. Наградите на најуспешните ќе им ги додели градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, со претставници од ЕВН Македонија, на крајот на декември, информира Град Скопје.